Лекари од кај нас ќе одат на краток престој за обуки и во Италија и во Австрија, за Словенија веќе се дефинира соработката

Макфакс

02/10/2025

12:55

160

Големина на фонт

а а а

Лекари од кај нас ќе одат на обуки и во Италија и во Австрија покрај Словенија за каде веќе се подготвува договорот за соработка, најави денес министерот за здравство Азир Алиу. На ваков начин ќе се надоместува недостатокот од кадар во јавното здравство, а истовремено ќе се подготви национална стратегија за покривање на јавното здравство со кадар за наредните 10 години. Превидено е наши лекари да одат на обуки во земјите со кои ќе се соработува за кадар, а лекари од таму да доаѓаат да лекуваат на нашите клиники.

„Освен со Словенија, преговараме и со Италија и со Австрија. Работиме на наоѓање можност за соработка со земји со кои веќе имаме некаков тип на соработка од клиничка гледна точка, тие да доаѓаат тука или нашите доктори да одат за обуки таму но исто така и од административна гледна точка гледаме дека многу полесно можеме да комуницираме со земји кои што имаат сличен здравствен систем. Освен со Словенија, за која веќе се дефинира текстот, најавувам дека сличен пристап ќе имаме и за соработка со Австрија и со Италија“, вели министерот Алиу.

Освен оваа соработка, министерот Алиу ќе им понуди на нашите експерти кои работат надвор од нашата држава со помош на дигитализацијата да бидат активно вклучени во системот за здравствена заштита. На тој начин министерот Алиу смета дека пациентите ќе бидат услужени и ќе бидат во сигурни раце.