Денеска, генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Марина Димовска оствари средба со амбасадорот на ОБСЕ, Килиан Вал.
На средбата Димовска го запозна амбасадорот Вал со тековните процеси на кои активно работи собраниската служба, осврнувајќи се на неодамна донесениот Правилник за внатрешна организација на Службата на Собранието на Република Северна Македонија и изработената Функционална анализа, со која се унапреди ефикасноста на собраниската служба, како и на резултатите од донесениот Етички кодекс на службата на Собранието и работата на Етичкиот комитет и Повереникот за етика. Генералната секретарка го нагласи донесувањето на Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија 2025-2027 и искажа благодарност за целокупната поддршка на Канцеларијата на ОБСЕ за проектите кои се реализираат во Собранието во рамки на овој План и искажа надеж дека поддршката ќе продолжи и во иднина.
Амбасадорот Вал истакна дека особено е значајно што поддршката од ОБСЕ е отелотворена преку конкретни резултати кои ги унапредуваат капацитетите на службата на Собранието. Вал потврди дека поддршката и соработката ќе продолжат во сите сфери од интерес, врз темелите на веќе реализираните проекти. Искажа и почитување за тоа што во Работна група надлежна за следење на реализацијата на активностите предвидени со Акцискиот план вклучува и претставник од ОБСЕ, како претставник на развојните партнери на Собранието.
Соговорниците се согласија дека непосредната, директна и постојана комуникација меѓу Собранието и развојните партнери е особено важна за успешна реализација на реформите за унапредување на работата на Собранието.