Поранешниот директор на струмички „Комуналец“ пријавен за злоупотреби и бесправна градба

Макфакс

01/10/2025

16:50

149

Големина на фонт

а а а

Полицијата во Струмица до Основното јавно обвинителствоподнесе кривична пријава против З.Г. (56) од Струмица – поранешен директор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Струмица, против јавното претпријатие, против Г.Б. (52) од Струмица и против правно лице од Струмица поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ по член 244-а во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Јавното претпријатие, застапувано од З.Г. и правното лице, застапувано од Г.Б., со заеднички дејствија изградиле објект од втора категорија, кој се користел како деловен објект, без издадено одобрение за градење од општина Струмица.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот директор и поради постоење на основи на сомнение за сторени две кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во првиот случај, пријавениот З.Г. склучувал договори за закуп на простор пред објект – настрешница со правно лице од Струмица, која била бесправно изградена на зелена површина. Договорите биле склучувани со непосредна спогодба иако станувало збор за простор за кој согласно Законот за комуналните такси е потребна согласност од општината и наплата на комунална такса. На тој начин била нанесена штета на буџетот на општина Струмица, а ЈПКД „Комуналец“ Струмица остварило финансиска корист во вкупен износ од 847.126 денари.

Во вториот случај, во периодот од 2020 до 2023 година, З.Г. од истото правно лице вршел набавка на храна и угостителски услуги без спроведување на постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки, со изговор дека храната била за работници кои работеле прекувремено. Во фактурите нема детално објаснување за набавките, ниту поткрепувачка документација за тоа кои лица користеле оброк и дали работеле ноќе или прекувремено, а претпријатието немало план за работа во смени. Со ваквите дејствија била причинета штета на претпријатието во износ од 307.800 денари.