Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска на прес-конференција најави, како што кажа, радикален пресврт во управувањето со општината и конечно искоренување на корупцијата.
„Корупцијата е трулиот корен на сите проблеми во Чаир. На 19 октомври тој корен ќе го сосечеме и ќе го уништиме. Еден денар нема да дозволам да се злоупотреби од парите на граѓаните. Тоа не е праведно, тоа не е чесно, тоа не е визија за иднината,“ истакна Османи.
Во своето обраќање, тој го претстави планот „Граѓанско око“ кој го оцени како најмоќниот механизам против корупција.
„Станува збор за сет од четири антикорупциски реформи кои, според него, ќе ја претворат Чаир во најтранспарентната општина во државата. Планот опфаќа јавно отворање на сите тендери со пренос во живо и достапни снимки на интернет, независен мониторинг преку експерти и невладини организации специјализирани за антикорупција, јавна каса преку која секој граѓанин со еден клик ќе може да ги следи приходите и расходите на општината во реално време и автоматска контрола со вештачка интелигенција која ќе го елиминира човечкиот фактор во злоупотребите. Чаир ќе биде првата општина во регионот која ќе воведе вакви европски практики. Доста беше со тајни договори и злоупотреби. Од 19 октомври, секој денар ќе оди за граѓаните,“ порача Османи.