Американската компанија за развој на вештачка интелигенција „OpenAI“ денеска воведе нови мерки за заштита на тинејџерите кои го користат алатот „ChatGPT“.
Новите опции им овозможуваат на родителите да го поврзат својот профил со профилот на детето и да ги приспособат поставките за побезбедно корисничко искуство. Ќе имаат можност да воведат временски ограничувања за користење на алатот, да го исклучат гласовниот мод или генерирањето слики, како и да ја контролираат употребата на меморијата на четботот.
Со поврзување на профилите, профилот на тинејџерот автоматски добива дополнителни заштити, меѓу кои намалување на експлицитен содржини, интернет-предизвици, сексуален, романтичен или насилен материјал, како и екстремни стандарди за убавина.
Доколку „ChatGPT“ открие потенцијални ментални проблеми кај корисникот, човечки рецензент ќе процени дали родителот треба веднаш да добие известување преку е-пошта, SMS порака или нотификација во апликацијата.
„OpenAI“ на својата веб-страница нагласи дека родителите нема да имаат пристап до самите разговори на тинејџерите со четботот, со што се почитува приватноста на корисниците.
Компанијата планира во наредните месеци да имплементира систем за автоматска процена на возраста на корисниците, со цел „ChatGPT“ автоматски да ги применува посебните поставки за лица помлади од 18 години.
Крајот на август, брачен пар од Калифорнија поведе тужба против „OpenAI“ поради самоубиството на нивниот син Адам Рејн, тврдејќи дека „ChatGPT“ не реагирал соодветно кога тој тинејџер му најавил на четботот дека сака да си го одземе животот, пренесоа медиумите.