Менаџерот на Кристал Палас, Оливер Гласнер, изјави дека е задоволен од играта на неговиот тим, особено во првото полувреме на натпреварот против Ливерпул, и дека е одлично да се победи актуелниот шампион на Премиер-лигата.
Фудбалерите на Кристал Палас славеа на свој терен во Лондон против Ливерпул со 2-1 и останаа единствениот непоразен тим, со три победи и три ремија.
„Мислам дека првото полувреме беше најдоброто полувреме од моето доаѓање. Кога играте против шампион, секогаш знаете дека тие можат да постигнат гол на крајот, но ние останавме цврсти. Во второто полувреме имаше голем притисок, а имавме среќа во една или две ситуации. По примениот гол останавме со високо крената глава и ја променивме ситуацијата. Поради тоа навистина сум горд на групата. Ова беше вистинска тимска работа“, рече Гласнер за „Скај“.
Екипата има низа од 18 натпревари без пораз, со осум победи и десет ремија, изедначувајќи го клупскиот рекорд поставен од февруари до август 1969 година.
„Заслуживме победа. Говориме за нашиот карактер, секогаш се бориме за победа. Сите кои се блиски до клубот се наградени. Играчите покажаа многу самодоверба. Имавме многу движења, квалитетни додавања, продорите во шеснаесетникот беа решителни. Ќе го анализираме натпреварот и ќе ја искористиме целата позитивна енергија. Мора да се ужива во вакви моменти, инаку се поставува прашањето зошто го правите ова“, додаде Гласнер.