Торонто и Интер Мајами одиграа нерешено 1-1 во дуел од регуларниот дел на сезоната во американската МЛС лига.
Со освоениот бод Интер Мајами се доближи на четири бода од лидерот во Источната конференција, Филаделфија Унион. Сепак, иако проектот на Дејвид Бекам има натпревар помалку, веќе нема шанси да ја освои конференцијата во регуларниот дел, дури и ако го добие заостанатиот меч, и ќе мора да се надева на кикс на лидерот.
Од друга страна, Торонто е на 12. место на табелата и заостанува 17 поени зад зоната која носи учество во плејофот.
Гостите од Интер Мајами поведоа во судиското продолжение на првото полувреме со гол на Тадео Аленде. Домаќините од Торонто израмнија во 60. минута преку Џорџе Михајловиќ, кој десетина минути пред крајот на мечот заработи жолт картон.
Седум минути пред крајот, Меси беше блиску до победнички погодок од фантастично изведен слободен удар, но одличната интервенција на голманот не му остави шанси.
Интер Мајами веќе обезбеди место во плејофот и до крајот на регуларниот дел ќе се обиде да извлече максимум бодови за да заземе што е можно подобра позиција и да добие полесен противник во првата елиминациска рунда.