Со Мицкоски како премиер, трошоците за живот растат, реалната плата се намалува a животниот стандард на граѓаните опаѓа, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, три месеци по ред се намалува реалната нето-плата, а два месеци по ред се намалува номиналната нето-плата.
„Во мај 2025 просечната плата била 45 796 денари, а во јули 45 276 денари. Тоа значи 520 денари пониска плата, во услови на повисоки цени на основните трошоци. Намалувањето на реална плата значи дека стандардот на граѓаните опаѓа а расте сиромаштијата. Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство веќе надмина 65.000 денари месечно. Граѓаните со својата плата купуваат сѐ помалку, бидејќи цените растат, а примањата опаѓаат. Едно просечно домаќинство не може да ги покрие основните трошоци за храна, сметки, превоз и лекови. Ваквиот пад на стандардот е директна последица на неспособната на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и промашените економски политики. Ова е влада која воопшто не се грижи за граѓаните и мисли само на својот луксуз“, рече Кузеска.