Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека кандидати за советници на опозициската СДСМ во Струмица физички нападнале странски државјани. Според нивните наводи, станува збор за Христијан Ефтимов, претседател на младите во партијата и Илија Стојанов.
„Додека СДС и Венко Филипче зборуваат за европски вредности, нивни кандидати за советници крвнички тепаат странци во Струмица. СДС повторно го покажа своето вистинско лице – наместо програма, план и визија, нудат насилници и тепачи,“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму споменуваат и други случаи на насилно однесување на членови и функционери на СДСМ, поврзани со градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, и советникот од Кочани, Аки Акимов.
„Сашко Митовски, градоначалникот на Крива Паланка, во слободно време во видно алкохолизирана состојба се однесувал како шериф и тепал припадник на МВР. Долга е низата на насилници од редовите на СДС. Таков случај е и советникот Аки Акимов од СДС кој делеше тупаници во Советот на Кочани и јавно се закануваше. Акимов може да се види во прегратките на Венко Филипче на фотографии, но Филипче не се огради ниту од овој случај на насилство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Бараат од лидерот на партијата, Венко Филипче, јавно да се огради од насилниците.