Мицкоски: Некои од судиите и од обвинителите не ја заслужуваат ниту оваа плата

Макфакс

24/09/2025

13:29

91

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на реакцијата на судиите и обвинителите за ставот дека нивните плати не се заслужени и обвинувањата од опозицијата за блокирање на процесот на реформската агенда во правосудството, изјави дека на цела македонска јавност и стана јасно дека, не зборуваме за суштински реформи во Судството и Обвинителството, туку зборуваме за зголемување на буџетите, со цел зголемување на платите.

„Тоа е реформата, и добро е што сега македонската јавност може да суди. Дали овие коишто, не зборам за сите, ќе повторам, еве нека ми простат, има и такви коишто си ја вршат својата работа согласно со Закон и Устав, но има мал дел коишто го загрозуваат овој процес, и обвинители и судии, коишто не ја заслужуваат ниту оваа плата којашто ја земаат.

Дали ние ќе одвоиме, да речеме два пати повеќе, од некои многу поразвиени земји членки во Европската Унија, еве оставам јавноста и граѓаните да судат, за платите на судиите и обвинителите. Тоа е суштината. Значи ние континуирано зборуваме за зголемување на платите на судиите и обвинителите“.

Мицкоски додаде дека никој не е против измените во Законот за обвинителска и судска служба.

„Тие се два закони. Каде што за администрацијата, за вработените во судовите и обвинителствата ќе ги зголемиме платите. И тоа ќе го направиме, и тоа е дел од преговорите што ги водиме со синдикатите и ние сме подготвени тоа да го направиме. Тука никој нема против и тоа ќе го направиме, затоа што дискрепанцата е пет, седум спрема еден, помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители и судии. И ќе почнеме еден цел серијал на случаи како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители. Јавноста нека суди дали тие заслужуваат, па да кодошат таму по Брисел и каде одат, дека Владата не им ги зголемува платите. Еве јавноста нека суди и тие во Брисел нека судат дали овие луѓе што се генератори на корупцијата во државата, наместо да се борат против корупцијата, ја заслужуваат оваа плата“.

Јас не очекувам од тие, коишто ги поставуваа овие судии и обвинители, додаде Мицкоски, да имаат поинаков став од тој којшто го имаат, заштитнички.

„Ние како Влада еве 15 месеци сме избрани, нема ниту еден скандал криминален, коруптивен, тоа е владеење на право. Општините четири години, каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, нема ниту еден скандал криминален, коруптивен.
Кој ги брани обвинителите и судиите. Тоа се најчесто оние политичари коишто доаѓаат од Мала Речица или од Бихачка, бидејќи тие се нивниот последен бастион за одбрана од криминалот и корупцијата во минатото. Затоа што се свесни и исплашени, тоа е многу важно, исплашени, дека оној шверцерски закон којшто го протнаа со европско знаме во Парламентот, не е доволен да се спасат. И дека има и други одредби коишто го препознаваат нивниот криминал. И за којшто тие треба да дадат отчет“.

Како што рече, со овие судии и обвинители, правдата е невозможна.

„Затоа после локалните избори ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика какви и да се критиките. Без разлика какви и да се критиките, мора да имаме обвинители коишто обвинуваат и судии коишто судат според Закон и Устав.“