ОЈО отвори постапка против четворица осомничени: Украдената бронзена биста од Алејата на заслужни граѓани била од гробот на Стале Попов, проценета на 320.000 денари

Нетпрес

19/09/2025

13:10

235

Големина на фонт

а а а

Од Оснвното Јавно обвинителство Скопје денеска информираат дека е отворена постапка против четворицата осомничени, коишто како што објави НетПрес пред два дена приведени поради кражба на надгробна бронзена биста од гробиштата во Бутел, која според Обвинителството, вреди 320.000 денари и била одземена од алејата на заслужните граѓани, поточно од платформата на гробот на Стале Попов и Бранка Поповска.

Осомничените О.Ш.(49), М.Ш.(22), Љ.Ф.А.(26) и З.Р.(26), сите од Скопје, се гонат поради сторени кривични дела тешка кражба и сквернавење на гроб. Тие на 17 септември, влегле на градските гробишта во Бутел, дошле до алејата на заслужни граѓани и од платформата на гробот на починатите Стале Попов и Бранка Поповска, со употреба на физичка сила успеале да ја откорнат и турнат бронзената биста со два човечки лика во седечка положба.

„Бистата била зацврстена со анкери, при што тие ја разурнале и оштетиле самата платформа на гробот и го осквернавиле гробното место“, велат од Обвинителството.

Откако ја откорнале бистата, тие ја влечеле до жичената ограда каде претходно направиле отвор преку кој ја префрлиле украдената биста и ја натовариле во автомобил.

„Во возилото ‘пежо’ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал З.Р., а останатите се сопатници е пронајдена и одземена бронзена биста и две скулптури на човечки тела во седечка положба, од кој едната е во поголема, а другата помала форма, која непосредно пред тоа ја одзеле од гробиштата“, информираше МВР.