[ВИДЕО] Потресно сведоштво и апел од скопјанка која доживеала спонтан абортус: „Цел свет ми падна врз мене, а никој не дојде да праша како сум“

Точка

18/09/2025

16:04

738

Големина на фонт

а а а

33-годишната скопјанка Ивана Илиев јавно проговори за трауматичното искуство со кое се соочила неодамна – спонтан абортус.

Во емотивно видео обраќање објавено на социјалните мрежи, Илиев го раскажа својот личен пат низ болката и тишината на системот, со јасна порака - жените кои поминуваат низ ваква загуба мора да добијат психолошка поддршка.

„Јас сум Ивана, мајка на живо родено женско здраво дете. Целта на ова јавно вакво обраќање е мојот немил настан од пред три недели – го загубив мојот плод,“ започнува Илиев во своето сведоштво.

Таа посочува дека додека била хоспитализирана, се соочила со тешка психолошка состојба – но и со целосен недостаток на стручна поддршка за жени кои поминуваат низ вакви искуства.

„Во еден момент како жена се чувствував како да сум го допрела целиот свет, а веќе во следниот се чувствував како цел свет да паднал врз мене,“ вели Ивана.

За време на нејзиниот престој на Клиниката за гинекологија, забележала дека нема ниту еден психолог, психотерапевт или социјален работник кој би разговарал со жените кои доживуваат ваква загуба.

„Јас и другите жени кои лежеа таму забележавме дека не постои стручен тим од психолози, психотерапевти и социјални работници. Никој не дојде да поразговара со нас за траумите со коишто се соочуваме,“ додава таа.

Илиев истакна дека чувствува одговорност јавно да зборува на оваа тема и апелираше до институциите за системско решение.

„Замолувам системски да се разгледа и сериозно да се сфати потребата од навремено третирање на жените коишто се соочиле со оваа ситуација. Психолошката состојба на овие жени и тоа како е загрозена,“ порачува Ивана.

Со ова храбро сведоштво, таа отвори важна општествена дебата за менталното здравје на жените по спонтан абортус, во контекст на еден здравствен систем кој, според неа, сè уште не ги препознава нивните потреби.

Автор: Ц.Н.