Зеленски за нападот врз Украина: Русија не ги слуша повиците за мир, потребна е порешителна акција

Макфакс

19/09/2025

14:29

170

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски реагираше на новиот руски напад со беспилотни летала, нагласувајќи дека, иако целиот свет повикува на мир, Русија не покажува подготвеност да го прифати и дека Украина мора да преземе порешителни акции во врска со купувањето беспилотни летала и оружје.

На својот Телеграм канал, Зеленски рече дека Украина синоќа била цел на напад од речиси 90 руски борбени беспилотни летала, од кои повеќето биле неутрализирани од украинскиот систем за противвоздушна одбрана, објави „Униан“.

Најголемите напади, рече тој, се регистрирани во регионите Донецк, Киев, Суми, Харков, Чернихив и Дњепарк, а биле нападнати и украинската инфраструктура и бизниси.

„Две лица се повредени во Павлоград, додека во Киев моментално се работи на отстранување на последиците од нападот, кој ја оштетил инфраструктурата на јавниот превоз“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.

Тој додаде дека, и покрај глобалните повици за мир, вклучително и оние на американскиот претседател Доналд Трамп, Русија не реагира на дипломатските иницијативи.

Тој истакна дека Украина мора поактивно да спроведува сè што ги зајакнува нејзините одбранбени капацитети, вклучително и предложените договори за оружје и беспилотни летала со САД.

„На маса се големи договори за купување беспилотни летала и оружје, што Украина ѝ ги понуди на Америка. Потребна е решителна акција за Русија конечно да се согласи на дипломатија“, рече претседателот на Украина.

Зеленски, исто така, им се заблагодари на сите земји што ѝ помагаат на Украина, нагласувајќи ја важноста на односите со Соединетите Американски Држави за долгорочната безбедност на Украина.