Либерално-демократската партија предлага воведување на електронска нараквица за насилниците, по двојното убиство во Велес, кога Илија – поранешниот партнер на Росица – ја уби неа и нејзиниот татко.
„Нашето главно прашање е: дали вие, пратеници и пратенички, сте свесни дека со тоа што на 1 април не се издигнавте над партиските интереси и не дадовте поддршка на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, му овозможивте на Илија ладнокрвно да ги убие Росица и нејзиниот татко“, изјави Цветанка Геговска од Извршниот одбор на ЛДП.
Таа потсети дека, доколку измените предложени од нивната пратеничка и претседателка Моника Зајкова беа веќе усвоени, сторителот ќе носеше електронска нараквица и денес Росица и нејзиниот татко ќе беа живи.
Електронската нараквица, како што објаснува Геговска, ја предупредува жртвата кога насилникот ќе се приближи на оддалеченост помала од 100 метри.
„Со оваа мерка ќе се зголеми степенот на заштита на жртвата и ќе се намали можноста за повторно изложување на насилство. Нека трагедијата на Росица и нејзиниот татко биде последна“, порача таа.
Геговска ги потсети пратениците дека граѓаните ги избраа да носат одлуки со кои ќе го подобрат секојдневието и апелира, без разлика на политичката, етничката или верската припадност, да гласаат за воведување на електронската нараквица и да се стави крај на ваквите трагедии