Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, објави дека лабораториските тестови на биолошки примероци потврдиле дека нејзиниот сопруг бил убиен со труење додека ја служел затворската казна на Арктикот во февруари 2024 година.
„Тестовите потврдија сè“
Во видео-порака објавена денес, Навална изјави дека „лаборатории во две земји дошле до заклучок дека Алексеј е убиен. Поточно: отруен“. Таа додава дека неговите соработници успеале да прошверцуваат и пренесат примероци во странство пред телото на Навални да биде погребано.
We managed to transfer Alexei’s biological materials abroad. Laboratories in two different countries conducted examinations. These laboratories, independently of each other, concluded that Alexei was poisoned. These results are of public importance and must be published. We all… pic.twitter.com/Sp8w1322gY
— Yulia Navalnaya (@yulia_navalnaya) September 17, 2025
Јулија не откри детали за тоа кои примероци биле анализирани, ниту резултати од тестирањата, но ги повика лабораториите самостојно да ги објават наодите и да прецизираат за кој отров станува збор. Објави и фотографии за кои тврди дека ја прикажуваат ќелијата откако телото на нејзиниот сопруг било однесено – на подот се гледа локва повраќаница. Според нејзините зборови, сведоци од затворот изјавиле дека Навални се грчел на подот.
Кремљ и понатаму ги отфрла обвинувањата. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека не е запознаен со тврдењата на Јулија Навална.
„Путин е виновен за убиството на мојот сопруг“
Алексеј Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин, со години собираше десетици илјади луѓе на протести против власта и го разоткриваше богатството на потесниот круг на Путин. Веќе еднаш беше отруен во 2020 година за време на кампања во Сибир, по што итно беше пренесен на лекување во Германија.
По враќањето во Русија во јануари 2021 година, беше уапсен и подоцна осуден на 19 години затвор за низа обвиненија, вклучувајќи „екстремизам“. И покрај затворот, тој продолжи да го критикува Путин и руската инвазија на Украина.
Руските власти тврдат дека Навални одненадеж починал на 16 февруари 2024 година, откако му се слошило за време на прошетка во затворскиот двор. Неговото тело не било предадено на семејството со денови, што дополнително ги засили сомнежите.
Јулија Навална повтори дека зад смртта стои рускиот претседател. „Владимир Путин е виновен за убиството на мојот сопруг Алексеј Навални“, изјави таа. Кремљ ги отфрла сите обвиненија.