Министерството за животна средина и просторно планирање, преку податоците добиени од автоматските мерни станици на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ја информира јавноста за состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во населбата Трубарево.
Според добиените мерења за суспендираните честички со големина до 10 микрометри (PM₁₀): просечната дневна концентрација во текот на вчерашниот ден изнесувала 19.7 µg/m³, максималната измерена вредност достигнала 39 µg/m³, моменталната концентрација изнесува 7.5 µg/m³.
„Досегашните резултати од мерењата покажуваат дека сите просечни вредности за масена концентрација на PM₁₀ се движат во рамките на законски дозволените граници и досега не е регистрирано надминување на утврдените прагови“, велат од МЖСП.
Се додава дека Министерството останува посветено на транспарентно информирање на јавноста и редовно следење на состојбата со квалитетот на воздухот, со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.