Работна посета на министерот Муцунски на САД и учество на Генералното собрание на ОН

Макфакс

17/09/2025

15:58

136

Големина на фонт

а а а

Во периодот од 17 до 26 септември, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, која опфаќа посета на Вашингтон и учество на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Во Вашингтон, министерот Муцунски ќе се сретне со високи претставници на Стејт департментот, при што ќе се разговара за унапредување на политичкиот дијалог, трговската соработка и унапредување на стратешкото партнерство. Тој ќе учествува и на тркалезна маса на Американско-централноевропската деловна асоцијација, а се планирани и средби со конгресмени и сенатори. По повод Денот на независноста и 30 години дипломатски односи, министерот ќе се обрати на настан со македонската дијаспора во регионот на Вашингтон.

Шефот на дипломатијата ќе биде дел од македонската државна делегација која ќе учествува на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Темата на овогодинешната сесија е „Подобро заедно, 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.

За време на високата недела на Генералното собрание, министерот Муцунски ќе оствари бројни билатерални средби со колеги од европски и воневропски земји, како и со претставници на А5, ПСЈИЕ, ЦЕИ, земјите од Западен Балкан и неформалната мрежа за поддршка на МКС. Тој ќе учествува и на Трансатлантската вечера во организација на државниот секретар на САД, Марко Рубио, како и на бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.

Од мултилатералната агенда на ОН, министерот ќе се обрати на неколку настани, меѓу кои: Првиот биенален самит за одржлива, инклузивна и отпорна глобална економија; тркалезна маса на тема „Европа и САД во време на глобална економска фрагментација“; и дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ОН на тема „Вештачка интелигенција и меѓународен мир и безбедност“. Тој ќе биде домаќин и на работниот појадок со земјите членки на Јадранско-Јонската иницијатива.

Пред почетокот на официјалната програма во Њујорк, министерот ќе го посети фестивалот на храна во македонската црква „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, како и македонската црква „Св. Климент Охридски“, каде ќе се сретне со македонската дијаспора од регионот на Њујорк и Њу Џерси.