Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.