Барајќи дипломатска поддршка откако руските беспилотни летала ја нападнаа нејзината територија, Полска вчера објави дека го доставила случајот до Советот за безбедност на ОН, кој денес ќе одржи итен состанок.
Упадот на околу дваесетина беспилотни летала од правец на Украина и Белорусија, за кој Варшава и нејзините сојузници веруваат дека бил намерен, а Москва го негира, предизвика силни емоции во Полска, која повика на зајакнување на воените капацитети на ЕУ и НАТО на нејзина територија.
Целта на доставувањето на случајот до Советот за безбедност е „да се привлече вниманието на светот кон овој невиден напад на руски беспилотни летала врз земја која не е само членка на ОН, туку и на Европската Унија и НАТО“, објасни полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски за радио RMF FM.
Упадот со беспилотни летала од вторник навечер кон среда се случи во веќе напнат контекст, пред големите заеднички руско-белоруски воени вежби наречени „Запад-2025“. Поради вежбите закажани од денес до следниот вторник, Полска ја затвори својата граница со Белорусија почнувајќи од вчера и го ограничи воздушниот сообраќај на своите источни граници.
Русија вчера побара од Варшава „што е можно поскоро да ја преиспита донесената одлука (за затворање на белоруската граница), осудувајќи ги „конфронтациски мерки“ и „политиката на ескалација на тензиите“.
Литванија и Латвија, исто така, објавија ограничувања на воздушниот сообраќај на нивните граници со Русија и Белорусија.