Полскиот шеф на дипломатијата: Путин му се потсмева на Трамп, време е тој да сфати

Макфакс

12/09/2025

11:49

246

Големина на фонт

а а а

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека „крајно време е претседателот Трамп да сфати дека Путин му се потсмева“. Во интервју за американската јавна телевизија PBS, Сикорски рече дека наместо примирје и сериозни мировни преговори, кои се очекуваа пред самитот на Алјаска, Русија испрати уште повеќе беспилотни летала – првин во Украина, а сега и во НАТО.

Неговата изјава доаѓа откога американскиот претседател Доналд Трамп инцидентот со руските беспилотни летала што влегоа длабоко во полскиот воздушен простор завчера го нарече грешка.

Трамп: Тоа можеше да биде грешка

„Немам ништо добро да кажам за целата ситуација, се надевам дека ќе заврши, но можеше да биде грешка“, им рече Трамп на новинарите, според „Киев пост“. Неговата изјава предизвика негодување во Полска и меѓу европските сојузници, кои ги оценија беспилотните летала како намерна провокација и нова ескалација на војната.

Сикорски кратко напиша на социјалните медиуми: „Не, тоа не беше грешка“.

„Путин го тестира НАТО“

Аналитичарите предупредуваат дека нападот бил тест за алијансата. Пензионираниот полковник на американската армија Ричард Вилијамс за „Киев пост“ изјави дека нападот бил намерен и иницира прашања за политичката волја на НАТО: „Едно е да се има капацитет, друго е да се има волја да се одговори“.

Јуриј Бојечко од хуманитарната организација „Надеж за Украина“ рече дека Путин гледа слабост: „Поради Трамп, НАТО и САД изгледаат слабо. Путин неказнето преминува една црвена линија по друга“.