Секое 10. дете на светот е дебело: Алармантни резултати од истражувањето на УНИЦЕФ, ова се случува за првпат во историјата!

Точка

11/09/2025

21:01

255

Големина на фонт

а а а

Едно од десет деца ширум светот е со прекумерна тежина, а за првпат досега на глобално ниво има повеќе дебели отколку изгладнети деца, соопшти Агенцијата на Обединетите нации во нов извештај.

Според податоците на УНИЦЕФ, процентот на ученици и тинејџери со изгладнетост од почетокот на векот паднал од 13 на 9,2 отсто, додека стапката на дебелина пораснала од 3 на 9,4 отсто.

Единствените региони каде што децата сè уште почесто се изгладнети отколку дебели се подсахарска Африка и Јужна Азија, пишува „Јуроњуз“.


Извештајот предупредува дека во 2025 година околу 188 милиони деца на возраст од 5 до 19 години ќе бидат со прекумерна тежина, што ги изложува на сериозни здравствени ризици. Од друга страна, околу 184 милиони деца се проценува дека страдаат од неухранетост.

Во Западна Европа, приближно 25 проценти од учениците и тинејџерите се со прекумерна тежина, што е речиси исто ниво како пред две децении, покажува извештајот.

УНИЦЕФ наведува дека ултра-преработените намирници се главниот виновник за растечката стапка на детска дебелина во светот. Храната како чипс, засладени житарици за појадок и замрзнати пици содржи големи количества шеќер, рафиниран скроб, сол, нездрави масти, како и вештачки бои и ароми.

Таквата исхрана се поврзува со дебелина, висок крвен притисок, срцеви заболувања и предвремена смрт. Во неколку земји, ултра-преработената храна сочинува повеќе од половина од дневниот калориски внес кај децата, а некои држави веќе презедоа мерки за ограничување на рекламирањето и намалување на нивната привлечност за најмладите.


Според глобално истражување спроведено минатата година со 64.000 млади, 75 проценти од нив изјавиле дека неодамна виделе реклами за засладени пијалаци, грицки и брза храна, а 60 проценти признале дека таквите реклами ги натерале да посакаат да консумираат нездрава храна.

„Ултра-преработената храна сè повеќе го потиснува овошјето, зеленчукот и протеините токму во периодот кога исхраната има клучна улога во растот, когнитивниот развој и менталното здравје на децата“, предупреди извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Доминацијата на ваквата храна создава слика на два крајности. Во земјите со пониски приходи, малите деца често се толку неухранети што страдаат од слабост и заостанување во растот, што може да има неповратни последици. Во исто време, милиони постари деца и тинејџери се борат со вишок килограми и дебелина, а притоа имаат недостаток на клучни нутриенти.

„Во многу држави се соочуваме со двоен товар на неадекватна исхрана – истовремено постоење на заостанување во растот и дебелина“, изјави Расел.


Агенцијата ги повика владите да преземат чекори за подобрување на детската исхрана, вклучувајќи:

• ограничување на рекламирањето на брза храна,

• задолжително означување на производите,

• забрана за продажба на брза храна во училиштата,

• социјални програми кои ќе им овозможат на семејствата со пониски приходи полесен пристап до здрава храна.