Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, денеска изврши увид во градежните активности на реконструкција и адаптација на оперативниот блок и на интензивната нега во ГОБ „8 Септември“, Скопје.
„Во здравствениот сектор имаме инвестициски бум во инфраструктурата, технологиите, човечките ресурси, затоа што ние веруваме дека со зајакнување на овие три столба ќе ги подобриме здравствените услуги за граѓаните. Денеска, видовме инвестиција од 12 милиони евра, од кои 750 квадратни метри се операциони сали. Станува збор за седум операциони сали, од кои едната е за роботска хирургија, првпат во нашата држава. Исто така, и 500 квадратни метри за лаборатории со најнови технологии. Ценам дека овој пристап ќе придонесе кон европско здравство, при што услугите ќе бидат дадени во реално време и со квалитет според строги протоколи“, истакна Алиу.
Со оваа значајна капитална инвестиција, според соопштеното, значајно ќе се подигне степенот на давање здравствена заштита во најмодерни услови и по најсовремени европски и светски стандарди.
Предвидени се седум нови операциони сали со површина од 750 м2, од кои две за абдоминална хирургија, две за уролошка интервенција, две за уво нос и грло и една за очна хирургија. Проектот предвидува и нова апаратура со најсовремени болнички услови за пациентите и за здравствените работници, а целосно ќе се санира и покривот на болницата.
На одделот за интензивна нега на површина од 500 квадратни метри предвидени се седум целосно опремени бокса за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија.