Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Макфакс

11/09/2025

16:04

132

Големина на фонт

а а а

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.

Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.

Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.

„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.