Дмитриј Медведев, поранешниот руски претседател и премиер, а денес заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, го коментираше убиството на влијателниот десничарски активист Чарли Кирк.
„Политички злосторства и атентати неодамна беа извршени од разни лево-либерални злобници кои го поддржуваат бандеровски Киев. Фицо, Кирк. Кој е следен? Можеби е време тимот на МАГА да сфати дека со поддршката на Украина, поддржува убијци“, напиша Медведев на „Икс“.
Кирк, инаку близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, држеше говор пред публика на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута, кога беше застрелан во вратот. Тој беше префрлен во болница во сериозна состојба за итна операција, но почина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо го преживеа атентатот во мај минатата година. Фицо беше подложен на неколку операции откако се здоби со животозагрозувачки повреди во пукањето. Атентаторот беше идентификуван како 71-годишниот Јурај Цинтула, кој рече дека не се согласува со политиката на сегашната влада.