Со 2,5 милиони денари интервентно ќе се заштитува Македониумот, а странски експерти ќе работат на трајна заштита

Макфакс

10/09/2025

14:18

527

Големина на фонт

а а а

Споменикот „Македониум“ над Крушево до крајот на оваа година ќе биде итно заштитен од пропаѓање, а за следната година Владата најави трајна заштита на која ќе работата странски експерти. Портпаролката на Владата, Марија Митева извести дека се преземени конкретни чекори за обнова на споменикот преку Министерство за култура и туризам во соработка со Завод и музеј Прилеп.

„За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, националната установа Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција. Би сакала да потенцирам дека ‘Македониумот’ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство, за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено“, рече портпаролката Митева.


За сегашната лоша состојба во која се наоѓа споменикот Митева нагласи дека вината е во непостапувањето изминатите години.

„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик. Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби коишто ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме тоа“, рече Портпаролката Митева.


Споменикот е свечено откриен на 2 август 1974 година во Крушево, по повод 71 година од Илинденското востание и 30-годишнината од АСНОМ2. Изградбата траела четири години односно од 1970 година до 1974 година, а автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски. Сместен на ридот Гумење, над Крушево, на надморска височина од 1.320 метри, „Македониумот“ претставува архитектонска и симболична целина која го слави стремежот на македонскиот народ кон слобода, независност и културен идентитет. Во неговата внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев, а надворешноста е украсена со скулптури, витражи и амфитеатар со дела од Петар Мазев и Борко Лазески.