Во месец август 2025 година вработените во културата го добија вториот удар – овојпат преку највисоките државни инстанци. Во својата кратка, но бурна историја, Колективниот договор за култура по втор пат се најде пред Уставниот суд, реагираат од Синдикатот на културата по преставката поднесена до Уставен суд со која како што велат се прави обид за скратување на стекнатите права на вработените во кутурата.
„Тешко е да поверувате дека околу нас постојат луѓе кои, немоќни да се изборат за сопствена подобра реалност, единствениот излез го гледаат во обидот да ја рушат реалноста и иднината на другите. Нивниот избор да тапкаат во место и да чекаат „некој друг“ да им го донесе подоброто утре, според нив, е модел кој сите треба да го следиме.
Суштината на претставката е следна: зошто вработените во културата би имале подобри права од останатите? Подносителот смета дека тоа е противуставно – дека Колективниот договор за култура ги става во понеповолна положба сите кои немаат такви права. Просечноста, па дури и потпросечноста, е парадигмата кон која, според него, сите треба да се стремиме. „Противуставно“ е, според овој став, тоа што 3.500 вработени во културата конечно почнаа да излегуваат од живата кал, добија вреднуван труд, донекаде и услови за работа, и зачеток на можности за напредок и доусовршување – темел врз кој цврсто ја градат својата нација.
Зад оваа мизерна претставка, насочена против илјадници културни работници, основано се сомневаме дека стојат разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња, министерчиња и по некој “бивш синдикалец” во друго руво, кои преку погазување на другите се надеваат на личен напредок во кариерата. А има и такви за кои тоа не е прашање на кариера, туку на лична фрустрација и омраза кон туѓата стабилност. Секоја сличност со старата македонска поговорка – не е случајна.
Не се случајни ниту обидите за поткопување на правата стекнати со Општиот колективен договор и кратењето на 3% од оние 10% кои ги доби целиот јавен сектор. Вработените во културата денес се сардисани од сите страни“.
Овие денови, нагласуваат од синдикатот, огромен број луѓе работеле интензивно на одговорот до Уставниот суд.
„СКРМ го поднесе одговорот од името на сите вработени во културата – едни директно засегнати, други згрозени од мотивите на неколку поединци кои се обидуваат да срушат нешто за кое културните работници се бореа со години. Во таа борба вложија труд адвокати, членството, претседателите, претставниците – сите трпеливо и макотрпно, исто како и досега, фанатично бранeјќи ги правата од секој напад на недобронамерниците.
Знаеме дека премиерот Мицкоски е свесен дека „културата е темелот врз кој се гради една нација“ – негови лични зборови. Но исто така знаеме дека кога ќе станете функционер, особено премиер, меѓу вас и народот се спушта стаклено ѕвоно, зад кое информациите стигнуваат искривени – пренесени токму од разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња и министерчиња. Поради нив, кои случајно дошле до своите „пет минути“ и денес креираат највисоки политики во државата, културните работници не успеаја да дојдат до средба со премиерот, за да ја образложат својата позиција: одбрана на Колективниот договор и на стабилноста на културните работници – темелот врз кој се гради културата“.
Затоа, како што потенцираат во реакцијата, ги повикуваат судиите на Уставниот суд да застанат во одбрана на Уставот и законите на Република Македонија – исто како што веќе еднаш постапија и сосема оправдано не поведоа иницијатива против Колективниот договор за култура, додаваат од таму.
„Вработените во културата не се со ништо поинакви од другите граѓани на нашата земја. Сите сме еднакви – и пред законите, и пред Уставот. На вас ви посакуваме успех во вашата борба за права, а ние продолжуваме да ги браниме нашите, со сите средства што ни стојат на располагање“.