Почна судењето за мајката што ги труеше своите деца на Нов Зеланд: Телата ги криела во куфери

Макфакс

09/09/2025

12:24

202

Големина на фонт

а а а

Во судот во Окленд почна судењето на 44-годишната Хакиунг Ли, обвинета за убиство на своите две мали деца и за криење на нивните тела во куфери. Клучен доказ за Обвинителството е тест што покажува дека во останките на децата се пронајдени траги од антидепресиви, објавува Би-би-си.

Хакјунг Ли е обвинета за убиство на својата осумгодишна ќерка Јуне Џо и на шестгодишниот син Мину Џо. Иако призна дека ја предизвикала нивната смрт и ги криела телата во магацин, таа се изјасни за невина по обвиненијата за убиство. Нејзината одбрана тврди дека била ментално болна во времето на злосторството.

Останките на децата беа откриени во август 2022 година кога едно семејство ја купи напуштената магацинска единица на аукција за 401 новозеландски долар. Меѓу предметите за домаќинството имаше два куфера. Додека товареше, купувачот забележа чуден мирис, кој го спореди со „мирис на мртов стаорец“.

Дома тој користел нож за да ги отвори заклучените и залепени со селотејп куфери и внатре ги пронашол телата на децата, секое завиткано во неколку цврсто врзани црни пластични кеси.

Обвинителката Натали Вокер му рече на судот дека траги од антидепресивот „нортриптилин“ се пронајдени во градната празнина и во црниот дроб на двете деца. Лекот не се препорачува за деца и може да предизвика напади, поспаност или смрт во случаи на предозирање.

На Ли ѝ бил препишан лекот во 2017 година кога му се пожалила на својот лекар за несоница и вртоглавица по дијагнозата на рак на сопругот. Обдукцијата не открила знаци на физичка траума, како што се скршени коски, но патологот заклучил дека децата починале насилно од неодредени средства, вклучително и употреба на „нортриптилин“.

Обвинителството тврди дека Ли постојано сугерирала, по смртта на сопругот Јан Џо во ноември 2017 година, дека таа и децата ќе умрат ако тој умре. Мајка ѝ се сеќава како ќерка ѝ плачела на телефон велејќи дека ќе умре ако сопругот умре. Ли наводно му испратила порака на својот сопруг: „Ако умреш ти, и јас ќе умрам заедно со нашите две деца“.

По неговата смрт, таа наводно ѝ рекла на пријателка дека посакува авионот да се срушил за да може таа и децата да умрат заедно. Обвинителството исто така тврди дека еден месец откога ги скрила телата на децата, го променила името и отпатувала за Сеул. Таа била уапсена во Јужна Кореја во септември 2022 година и екстрадирана на Нов Зеланд.

Адвокатката на одбраната Лорејн Смит тврди дека лудилото на нејзината клиентка почнало со смртта на нејзиниот сопруг. Пред тоа, рекла таа, тие биле „среќно мало семејство“. Како што неговата состојба се влошувала, Ли почнала да се распаѓа и верувала дека е најдобро сите да умрат заедно. Одбраната вели дека Ли зела антидепресиви и им ги давала и на своите деца, но погрешно ја проценила дозата, а кога се разбудила, децата биле мртви.

„Таа ги убила своите деца, но не е виновна за убиство од лудило“, рече Смит. Судијата Џефри Венинг им рече на поротниците на почетокот од судењето дека клучното прашање ќе биде дали Ли била луда во времето на убиствата. Се очекува судењето да трае до четири недели.