Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред планираниот израелски напад.
„Израелската армија е решена да го победи Хамас и ќе дејствува во Појасот Газа со голема сила, исто како што направи во целиот појас“, напиша на X Авичај Адрае, портпарол на израелската армија на арапски јазик.
Во објавата се повикуваат жителите на Газа да се упатат по крајбрежниот пат кон ал-Маваси во јужниот Појас Газа, кој Израел го означи како хуманитарна зона.
Ова е првата наредба од армијата за евакуација на целиот град. Претходно, вакви повици беа упатувани само за одредени области.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на жителите на Газа да „излезат оттаму“ пред планираниот израелски напад врз градот.
На денот кога шест Израелци беа убиени во палестинска пукотница на автобуска станица во Ерусалим, Нетанјаху вети дека ќе ја засили војната против теророт, истакнувајќи дека израелската војска „елиминирала гнезда на тероризам“ на Западниот Брег и „урнала 50 терористички облакодери“ во Газа во последните два дена.
„Рушењето е само почеток на голема копнена кампања во градот Газа. Затоа, ја користам оваа можност да им кажам на луѓето од Газа, слушајте внимателно: Предупредени сте; тргнете се од таму!“, рече тој.
Газа е најголемата населба на палестинската територија и е дом на околу еден милион луѓе.
Нетанјаху во неделата изјави дека околу 100.000 луѓе досега избегале од областа.
Хуманитарните организации предупредуваат на понатамошно влошување на веќе катастрофалната ситуација за цивилното население.