Понекогаш изгледа како шпанскиот тенисер да е три чекори пред своите ривали, а тој објаснува дека тоа го постигнува така што од детството се враќа кон истото хоби кое истовремено е забавно, опушта и корисно е за тенисот.
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го привлече вниманието со успесите на терен, а набрзо потоа стана миленик на публиката и поради пристапот кон играта, почитта на противникот и менталната сила која е неопходна за да се игра тенис на толку високо ниво.
Еден од начините со кои тоа го постигнува, можеби и најважен за Алкараз е играњето шах, негова голема страст.
„Обожавам шах. Морам да се концентрирам, да играм против другиот и да правам стратегија, размислувам однапред. Мислам дека сето тоа е многу слично со она што се случува на тенискиот терен“, рекол Алкараз за „Vogue“ во една прилика.
„Мора да имате интуиција за тоа каде другиот играч ќе го испрати топчето, мора да одите напред и да се обидете да направите нешто од кое ќе му биде непријатно. Затоа многу играм шах“, објаснил тенисерот.
Во една прилика за шпанските медиуми тој открил дека сака да игра шах и пред натпреварите.
„Ми помага да бидам ментално побрз, да имам преглед на играта, ги гледам потезите кои сакам да ги изведам и стратегијата“, истакнал младиот тенисер.
Како што раскажал во едно интервју, шахот го научил уште од мали нозе, а како што растел љубовта кон него не престанала.