Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но зголемената фреквенција на возила поради летните одмори и продолжениот викенд во Македонија предизвикува гужви на граничните премини.
Најголеми задржувања моментално се бележат на ГП Богородица, каде за излез од државата се чека околу 40 минути до 1 час. На ГП Табановце, пак, времето на чекање за влез и излез изнесува околу 30 минути. Од другите гранични премини од македонска страна не се евидентирани подолги задржувања.
АМСМ ги потсетува возачите да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сигнализацијата и да бидат особено внимателни на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде е можна појава на одрони. Како критични делници се наведуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, возачите треба да бидат подготвени за времен режим на сообраќај. Од 3 септември започнуваат градежни истражувачки работи на делницата Гостивар – Тетово, што ќе траат две недели и ќе се одвиваат под изменет режим. Дополнително, во тек е и санација на мостот Здуње на државниот пат А2 (Гостивар – Стража), каде е воспоставена семафоризација и наизменично пропуштање на возилата во период од шест месеци.