Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави продолжување на воените операции против латиноамериканските нарко-картели, откако САД нападнаа венецуелски брод на 2 септември, при што загинаа 11 лица.
Односот меѓу Соединетите Американски Држави и Венецуела, земја со 30 милиони жители е сложен и во голема мера обликуван од нафтените спорови и безбедносните проблеми. Венецуела има најголеми резерви на нафта во светот, но денес остварува само дел од приходите што некогаш ги заработувала од извозот на нафта.
Колку нафта има Венецуела
Се проценува дека земјата заклучно со 2023 година има 303 милијарди барели резерви на нафта, што е најмногу во светот, пишува Ал - Џезира. По неа следуваат Саудиска Арабија со 267,2 милијарди барели, Иран со 208,6 милијарди барели и Канада со 163,6 милијарди барели. Заедно, овие четири земји држат повеќе од половина од светските резерви на нафта. За споредба, Соединетите Американски Држави имаат 55 милијарди барели резерви на нафта, што ги прави деветти во светот. Значи, Венецуела има пет пати повеќе нафта од Соединетите Американски Држави.
Каде се нафтените полиња на Венецуела?
Нафтените резерви на Венецуела се наоѓаат првенствено во појасот Ориноко, огромна област на истокот од земјата што опфаќа 55.000 квадратни километри. Оваа област е дом на екстра тешка сурова нафта, која е многу вискозна и густа, што ја прави многу потешка и поскапа за екстракција од конвенционалната сурова нафта.
Екстракцијата на нафта во овој дел од светот бара напредна технологија, како што е вбризгување на пареа и мешање со полесна сурова нафта за да биде комерцијално прифатлива. Поради својата густина и содржина на сулфур, екстра тешката сурова нафта обично се продава со попуст во однос на полесната сурова нафта.
Во екстракцијата на нафтата доминира државната нафтена компанија „Petroleos de Venezuela, SA“ (PDVSA). Тоа е компанија со предизвици, вклучувајќи застарена инфраструктура, недоволно инвестирање, лошо управување и меѓународни санкции. Сето ова ја ограничува способноста на Венецуела целосно да ги искористи своите огромни нафтени резерви.
Венецуела е меѓу земјите со едни од најниските цени на горива, првенствено поради обемните владини субвенции. Имено, бензинот од 95 октани чини 0,84 боливари (0,04 долари) за литар. Горивото е само малку поскапо во однос на Либија и Иран каде што бензинот чини 0,03 долари за литар. За споредба, просечната цена на бензинот во светот е 1,29 долари за литар.
Колкав е извозот на нафтата?
Според податоците од Опсерваторијата за економска сложеност (OEC), Венецуела извезла нафта во вредност од 4,05 милијарди долари во 2023 година, што е значително помалку од Саудиска Арабија (181 милијарда долари), САД (125 милијарди долари) и Русија (122 милијарди долари). Исто така Венецуела извезува помали количини на рафинирани нафтени производи, како што се бензин и дизел.
Зошто извозот се намалил?
Земјата беше еден од основачите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК). Порано беше голем извозник на нафта, особено по создавањето на „PDVSA“ и национализацијата на странските нафтени компании. Кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, таа дневно испорачувала помеѓу 1,5 и 2 милиони барели нафта само за Соединетите Американски Држави, што го направи американскиот пазар еден од нејзините најголеми странски пазари.
Сепак, извозот почна нагло да опаѓа во 1998 година, кога Хуго Чавез беше избран за претседател. Чавез го преобликуваше нафтениот сектор на земјата, го национализираше имотот, ја реструктуираше „PDVSA“ и даде приоритет на целите на домашната политика во однос на традиционалните извозни пазари.
Политичката нестабилност, лошото управување со „PDVSA“ и недоволните инвестиции во инфраструктура резултираа со пад на екстракцијата на нафта. Ситуацијата се влоши откако Николас Мадуро го наследи Чавез на претседателската функција. Администрацијата на Трамп воведе санкции за Венецуела во 2017 година, а ги заостри две години подоцна.
Ова ја ограничи можноста на Венецуела да продава сурова нафта на Соединетите Американски Држави и го ограничи нејзиниот пристап до меѓународните финансиски пазари. Во такви околности, Венецуела се фокусираше на извоз во Кина, која стана нејзин најголем купувач на нафта, а Индија и Куба се исто така главни купувачи, пишува Ал Џезира.