Предложен притвор за три лица: ОЈО поведе истрага за загрозување на животната средина со диви депонии на Вардариште

Макфакс

03/09/2025

19:23

147

Големина на фонт

а а а

Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата Вардариште по наредба на судија на претходна постапка, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото.

Осомничените, подолг временски период се до 02.09.2025 година, на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.

Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање.