На 4 септември, во 20 часот, во обновената кино-сала во Валандово ќе се одржи промоција на винил изданието на ансамблот„Распеани Валандовчани“. Промоцијата е во организација на Општина Валандово и во соработка со ансамблот.
Влезот на настанот е отворен и организаторите ги покануваат сите заинтересирани граѓани да дојдат на промоцијата.
Во рамки на промоцијата, ансамблот ќе настапи во живо со дел од нивниот репертоар кој ќе вклучи и песни селектирани за ова винил издание. Концертните настапи ќе бидат проследени со документарни материјали од аудио-визуелен карактер, следејќи ја музичката историја на ансамблот од основањето, па се до денес.
Иницијативата за ова издание произлезе од Мирко Попов, инспириран од звукот на македонската народна песна, пренесена во живиот настап на ансамблот „Распеани Валандовчани“. Неговата визија и посветена работа за афирмација на домашното творештво преку продукција и издавање македонска музика, ја потврди и оваа инцијатива, која прерасна во соработка со ансамблот, целосно препознаена и поддржана од Општина Валандово.
Со тоа „Распеани Валандовчани“ добија ново музичко издание на најквалитетниот и најценет носач на звук - винилот, кој стана дел од дискографијата на ПМГ Џез. Ова е нивно второ издание на винил, по 5 декади временска дистанца од првото издание за тогашната Радио-Телевизија Белград.
За поголема видливост и достапност до публиката ова издание е достапно и во дигитална форма за слободно преземање на Bandcamp платформата на ПМГ Џез.
На ова винил издание се најдоа 8 композиции, од кои 7 народни песни: „Што да правам, што да чинам“, „Сношти дојдов од Стамбола“, „Настрана, настрана Нешо“, „А дадеја Јана“, „Малој моме цвеќе брало“, „Мори чупи костурчанки“, „Мома седи на чардакот“, и песната „Химна на Валандово“ на Леонид Манчев во аранжман на Петар Ризов.
Изборот на композициите го направи Мирко Попов, кој е и извршен продуцент. Песните се изведени од ансамблот „Распеани Валандовчани, чии претседател е Зоран Стојчев, а музички раководител е Петар Ризов. Музиката е снимена во Валандово од Владан и Павел Дробицки, а миксот и мастерингот е на Владан Дробицки. Обвивката за ова издание го изработи професорот и еден од водечките македонски уметници и иноватори по дизајн - Костадин Танчев-Динка. Носител на проектот и издавач на винилот е Здружението за развој на музика и култура „Крај Вардарот“, чија реализација ја раководеше Виолета Качакова. Проектот финансиски е поддржан од Општина Валандово.