Чулев: Кога службите стануваат политичко оружје, страда демократијата

Макфакс

02/09/2025

10:10

176

Големина на фонт

а а а

Кога службите стануваат политичко оружје, страда демократијата. Внатрешните истраги во Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, како и известувањата поднесени до ОЈО за грубо кршење на законот од страна на раководители и вработени во нив, недвосмислено укажуваат на системска злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби, објави на социјалните мрежи поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев.

Според него, злоупотребата на државни ресурси за следење и прислушување на лидер на опозицијата и истакнати опозициски претставници, новинари, бизнисмени, обвинители, министер и кој ли уште не, не е изолиран инцидент и удар врз поединци, туку удар врз демократијата, слободата, владеењето на правото и довербата во институциите.

„На виделина излегоа и причините за мојата професионална дискредитација, но и дискредитацијата на други колеги, незаконското следење, клевети и координирана манипулативна кампања со цел елиминација на професионални кадри од безбедносниот систем, само поради идеолошки разлики.

Уште од 2020 година, и покрај сите притисоци, измислени оперативни обработки и закани, во континуитет јавно предупредував и укажував на ризиците од незаконското постапување и злоупотребата на службите со цел демонизирање на опозицијата. Тука е и латентната колатерална штета, бидејќи манипулативните и лажни белешки не застануваат кај таргетираната личност, туку отруеното досие со години фрла сенка врз сопружници, браќа/сестри и деца – блокира работни места и сертификати, комплицира визи, работни дозволи и го лимитира пристапот до граѓански права, лепи стигма, го нарушува угледот и достоинството и на тој начин станува колективна казна“.

Денес, како што истакнува, кога е евидентно дека ресурсите на службите брутално се злоупотребувале за политички, бизнис и лични интереси, апелира дека е неопходно да има целосна истрага, декласификација на дел од фабрикуваните материјали и санкционирање на нарачателите и извршителите.

„Ова е битка, но и можност да изградиме модерен, транспарентен и одговорен безбедносно-разузнавачки систем кој ќе ја штити државата и граѓаните, а не ќе се користи за прогон на политички неистомисленици“, нагласува Чулев.