Адеми: Секој обид за укинување на Бадентер е обид државата да се врати назад

Макфакс

01/09/2025

14:51

139

Големина на фонт

а а а

Од Балансерот до Бадентер, она што се случува претставува повторен атентат врз Охридскиот договор, обвини потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.

Тој рече дека повторените изјави на претставниците на Владата за преиспитување на Бадентеровото мнозинство не се политички лапсус туку тие се дел од намерно осмислено сценарио за повторен атентат врз Охридскиот договор и врз уставните темели кои гарантираат еднаквост и стабилност во државата.

„Од првиот ден на овој мандат, оваа влада и нејзините партнери следат опасна агенда: го укинаа Балансерот, со што го нарушија правичното застапување на Албанците и другите заедници, не го почитуваат Законот за јазиците, ги ослабнаа Инспекторатот и Агенцијата и дозволија повеќе од 100 институции да го игнорираат албанскиот јазик, неправедно го намалија бројот на советници во општините, спротивно на Уставот, законот и одлуката на Уставниот суд, ја избришаа албанската дијаспора од политичкото претставување и ја доверија имплементацијата на Охридскиот договор на личности со отворено антиалбански и антиевропски ставови, како Иван Стоилковиќ“, рече Адеми.

Тој додаде дека владата сака да го укине и гласањето со „Бадентер“.

„Денес, истиот план напредува кон преиспитување на Бадентеровото мнозинство – уставниот столб кој штити од мајоризација и го обезбедува мултиетничкото функционирање на државата. Секој обид за укинување на Бадентер по изборите, како што беше најавено, е обид државата да се врати назад – кон неправдата и исклучувањето. Наместо да го исполни јавното ветување дека „нема влада без уставни измени“, ВРЕДИ опстојува со празни оправдувања, со релативизирање на штетните политики и со покривање на етноцентричните политики. Фотелјата и политичкиот опстанок се ставени над Охридскиот договор и над европската интеграција на државата“, рече Адеми.