Започна изградбата на нов продажен маркет на „Лидл“ во Аеродром. Според премиерот, Христијан Мицкоски, ова е уште една потврда дека Македонија е вистинска дестинација за инвеститорите.
„Новиот малопродажен објект на „Лидл“ ќе се протега на површина од 3.438 квадратни метри, со модерен продажен салон од 1.200 квадратни метри и со 57 паркинг места за удобност и достапност на потрошувачите. Ова не се само бројки, тоа е порака дека компанијата влегува сериозно на македонскиот пазар, со визија за долгорочен раст и развој, што впрочем можевте и да го слушнете“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа инвестиција се одолговлекувала и била заглавена, но токму по изборот на оваа Влада, пред неполни 15 месеци, како што рече, веднаш се фатиле за работа.
„Особено ме радува што менаџментот на „Лидл“ ја прифати нашата забелешка за зголемување на застапеноста на домашното производство и македонските производи на полиците на „Лидл“. Тоа е од исклучителна важност – затоа што со тоа не само што се поддржува локалната економија, туку се гради доверба кај потрошувачите дека македонското е најдобро“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека македонски производи се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји.
„Во 2024 година извозот беше околу 5 милиони евра. Очекуваме оваа година, во разговор неформален со менаџментот на „Лидл“, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време таа бројка да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на „Лидл“, да произведуваат според стандардите на „Лидл“, а „Лидл“ сигурно дека ќе даде можност и шанса македонските производи да се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји и секаде онаму каде што „Лидл“ ќе има потреба од квалитетни македонски производи“, рече Мицкоски.