Најмалку 14 лица, меѓу кои и три деца, загинаа во ноќта кон четврток при руски напад врз Киев, во еден од најсилните воздушни напади на Русија врз Украина, соопштија властите, а пренесуваат агенциите.
Тимур Ткаченко, шефот на киевската воена управа, изјави дека децата имале 2, 14 и 17 години. Десетици лица се повредени, според претседателот Володимир Зеленски, кој ја обвини Москва дека избрала „проектили наместо преговарачка маса“.
„Русија избира проектили наместо преговарачка маса. Таа избира продолжување на убивањето наместо завршување на војната“, напиша Зеленски на „X“. „Уште еден масовен напад врз нашите градови. Уште убиства“, додаде тој.
Украина очекува „реакција“ од меѓународната заедница, особено нови санкции, нагласи претседателот, повикувајќи ги пред сè Кина, како руски сојузник, и Унгарија, како членка на ЕУ, да заземат поцврсти позиции. Според официјални лица, во нападот биле повредени 38 лица. Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија во ноќта кон четврток истрелала 598 дронови и 31 балистички и крстосувачки проектил врз Украина.
Европската Унија во четврток остро го осуди ноќешниот руски напад врз Киев, при кој било погодено и седиштето на Делегацијата на ЕУ во Украина. Во истиот комплекс со зградата на Делегацијата на ЕУ во Киев се наоѓаат и канцелариите на „British Council“, кои исто така биле оштетени при руските напади.
„Моите мисли се со сите кои беа погодени од безумните руски напади врз Киев, при што беше оштетена зградата на ’British Council‘“, напиша британскиот премиер Кир Стармер на „X“. „Ова крвопролевање мора да запре.“
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта пресретнало 102 украински беспилотни летала. Дипломатските напори во последно време се засилени под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп, но конкретни резултати сè уште нема, додека Русија ги интензивира своите воздушни напади врз Украина.
Украинската делегација треба во петок да се сретне со американски претставници во Њујорк за да разговараат за завршување на војната со Русија, објави „BBC“.