Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање посочи дека колективниот договор потпишан од Министерството за социјална политика, демографија и млади, значи зголемување на платите за вработените во јавните установи за социјална заштита за 20 проценти, како и подобрување на условите за работа.
„Станува збор за потпишување на колективен договор во историска смисла на зборот за вработените во социјалните установи и центрите за социјални работи ширум државата. Со тоа ќе имаме значително зголемување на платата, започнувајќи од платата за месец август. Во периодот којшто следи Министерството за социјална политика, демографија и млади прави историски чекор во таа насока, но не е само зголемувањето на платите коешто треба да биде 20тина%, туку станува збор и за услови коишто ќе го подобрат амбиентот на работа на вработените во тие установи и ќе значат дополнителна енергија во рамките на социјалната политика во Македонија како држава“, вели Мицкоски.