Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на поголема количина препарати за заштита на растенија.
Во раните утрински часови, на 26.08.2025 година, при вршење на редовна царинска контрола на патничко моторно возило Mercedes со македонски регистарски таблички, со кое патувало семејство што изјавило дека се враќа од одмор во Турција и преку Грција пристигнало на влез во нашата земја, од страна на царинските службеници биле откриени 322 шишиња хемиски препарати за прскање, од кои 300 шишиња инсектицид CORAGEN 20 SC и 22 шишиња фунгицид Bellis BASF со вкупна вредност од 16.058,00 евра.
Препаратите биле сокриени на повеќе места во возилото – во багажниот простор зад куферите со лични работи, во просторот за резервна гума и на задните седишта. Возачот не поседувал соодветна дозвола за увоз, иако станува збор за стока што подлежи на посебен режим на дозволи со што безбедноста на производите не е гарантирана .
Стоката е задржана, возилото со кое била транспортирана е одземено, а против лицето ќе биде поведена кривична постапка. Случајот е предаден на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување.