Скапо е да се јаде зеленчук во Скопје – доматот и пиперките изненадуваат

Денар

27/08/2025

12:40

3.153

Големина на фонт

а а а

Ако овие денови човек реши да наполни торба со зеленчук на скопските зелени пазари, ќе му се заврти в глава уште на првите тезги.

Цените се одлепени – доматот и краставицата, некогаш симбол на летна достапност, сега изгледаат како да станале деликатес.

Пиперките, без кои македонското семејство не може да си ја замисли зимницата, достигнуваат суми што до вчера звучеа незамисливо.

А за квалитетот? Никој не гарантира ништо. Дел од овошјето и зеленчукот е увезено, ама од каде точно – тоа ретко кој продавач сака или може да каже.

„Секој ден цената е различна“, ни кажа продавачка на пазарот во Ѓорче Петров. „Ни кажуваат дистрибутерите дека преку граница се кренала цената, дека има недостиг, дека трошоците за транспорт се повисоки… и ние немаме избор. Ако не ги прифатиме тие услови, остануваме со празни раце“.

Но, кога ќе заминете во некој помал град – Кавадарци, Штип, па дури и Велес – приказната е сосема поинаква. Таму, на пазарите, може да најдете исти производи, ама со најмалку двојно пониска цена.

И тоа свежи, од бавча, со кал уште залепена на коренот.


„Јас ова сабајле го набрав од нивата,“ ни рече еден земјоделец во Неготино, покажувајќи куп полни гајби со домати. „Не можам да си дозволам да ги продавам поскапо, луѓето овде немаат толку пари, а и јас немам трошоци за транспорт, за складирање… што извадам – тоа продавам“.

Бројките зборуваат гласно

И статистиката ја потврдува перцепцијата на граѓаните: зеленчукот за само една година поскапел за 63,3 проценти, овошјето за 33,2 проценти.

Вкупниот годишен раст на цените на растителното земјоделско производство е речиси 40 проценти.

Се работи за податоци што ја разголуваат суровата вистина – домашното производство е недоволно, а Македонија станува сè повеќе зависна од увоз.

Економистите предупредуваат дека овие бројки се алармантни.

„Ова не е само ценовна криза, ова е прашање на безбедност на храната,“ објаснуваат експертите. „Кога увозниците и дистрибутерите ја имаат главната улога во снабдувањето, тие ја диктираат и конечната цена. А земјоделецот – оној што навистина ја работи земјата – останува на маргините“.


Заглавени во маѓепсан круг

Земјоделците, пак, велат дека никој не им помага.

„За ѓубриво и за семе давам повеќе пари одошто можам да заработам со продажбата“, вели производител од Светиниколско. „А кога ќе дојдат увезените производи, тогаш мојата работа изгледа безвредна. Па нормално е да се откажуваат луѓето од оваа мака. И така цените уште повеќе растат, затоа што нема домашна понуда.“

Граѓаните, очајни, само креваат раменици. „Како може во Скопје доматот да е 120 денари, а во Битола 60?“, – прашува една пензионерка на зелен пазар во Аеродром. „Не ми е јасно, и никој не дава одговор. Само знам дека пензијата ми е иста, а кошницата станува сѐ полесна.“

Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.