Министерот за финансии на Соединетите Американски Држави, Скот Бесент, изјави дека приходите од царините, кои постепено ги воведува претседателот на таа земја, Доналд Трамп, би можеле да достигнат 500 милијарди долари годишно.
Вчера, на состанок на кабинетот во Белата куќа, Бесент рече дека неговата претходна проценка за годишни приходи од 300 милијарди долари е прениска, објави Ројтерс.
„Имавме значителен скок од јули до август, а мислам дека ќе видиме уште поголем скок од август до септември. Оваа администрација забележа значително намалување на буџетскиот дефицит“, рече тој.
Приходите од царините би го компензирале зголемувањето на буџетскиот дефицит предизвикано од намалувањето на даноците и законот за трошоци, кој републиканците го усвоија оваа година.
Бесент во понеделникот изјави дека американската влада собрала 29,6 милијарди долари од царинење во текот на август.
Тој додаде дека Канцеларијата за буџет на Конгресот (CBO) ја ревидирала проценката на федералните приходи од царините на Трамп и предвидела дека тие би можеле значително да го намалат буџетскиот дефицит.