Русија има нов вид беспилотни летала: Украинците во паника

Точка

26/08/2025

21:04

1.490

Големина на фонт

а а а

Украина, која ги претвори беспилотните летала во свое најефикасно оружје против руските сили, сега е во опасност да ја изгуби предноста на небото.

Додека украинската генијалност во производството на беспилотни летала продолжува со несмалено темпо, Русија ја презема водечката улога во масовното производство и новите технологии, поради што Киев предупредува дека му е потребна итна помош од Западот, пренесе „Скај њуз“.


Во една од тајните фабрики за беспилотни летала во Украина, компанијата „Генерал Чери“, која на почетокот од војната ја основале волонтери, денес се произведуваат илјада пати повеќе беспилотни летала отколку на почетокот. Но сепак тоа не е доволно. „Русите имаат многу војници, многу возила, а нашите војници секој ден нѝ кажуваат дека нѝ треба повеќе, нѝ треба повеќе оружје, ни треба подобро, нѝ треба побрзо, нѝ треба повеќе“, рече Андриј Лавренович од компанијата.


Неговите зборови ја нагласуваат изјавата на претседателот Володимир Зеленски, кој оваа недела предупреди: „Русите го зголемија бројот на беспилотни летала, додека ние, поради недостаток на средства, сè уште не успеавме да го зголемиме производството“.

Работилница за модерно војување

Локациите на овие фабрики се строго чувана тајни и често се менуваат поради постојаната закана од руски напади. Во една таква зграда, беспилотните летала рачно се склопуваат и се приспособуваат како играчки. Квадрокоптерите со различни големини носат експлозиви за напади или летаат до шест километри за да пресретнат руски извидувачки авиони.


Ефикасноста е зачудувачка – украински дрон вреден 1.000 долари може да уништи непријателска опрема вредна 300 пати повеќе. Секој дрон се тестира пред да биде испратен на бојното поле, а во него учествуваат млади експерти како 19-годишниот Дима, кој сега ги насочил своите хоби вештини кон одбрана на земјата.

Русија возвраќа со напредна технологија

Од друга страна, Русија не само што ја стигнува, туку и ја престигнува Украина. Во своите огромни фабрики, масовно произведува беспилотни летала за напад „Гераниум 3“, подобрени верзии на иранскиот „Шахед“, кои се побрзи и посмртоносни. Украина очекува дека бројот на напади со руски беспилотни летала наскоро би можел да достигне 1.000 дневно.

Клучна руска предност е новиот тип беспилотно летало контролирано со оптички влакна, што го прави отпорен на блокирање. Олександр „Дракар“, раководител на одделот за развој на производи во украинската компанија, призна дека иако го имаат својот прототип, Русите порано ја започнале примената и масовното производство.


„Тие имале значителна помош од Кинезите, таму цели фабрики се под договор за снабдување со оптички влакна исклучиво на Русија, произведувајќи ги во огромни количини“, истакна Дракар. Кина, иако тврди дека е неутрална, наводно го ограничува и снабдувањето со микрочипови клучни за украинското производство.


Украинците веруваат дека Западот не прави доволно за да се спротивстави на оваа закана. Конфликтот се претвори во научнофантастична битка на машини, каде што иновациите постојано се среќаваат со нови иновации. Се проценува дека дури 80% од нападите на бојното поле сега се извршуваат со беспилотни летала. Победникот во оваа технолошка трка веројатно ќе има предност и во идните војни, поради што западната помош за Украина е клучна за одржување на рамнотежата.