Американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе претседава со состанок за Газа во Белата куќа, објави специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, додавајќи дека Вашингтон очекува војната на Израел на палестинските територии да биде решена до крајот на годината.
Американскиот Стејт департмент одделно објави дека државниот секретар Марко Рубио денес ќе се сретне со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, во Вашингтон.
Трамп вети брз крај на војната во Газа за време на изборната кампања во САД во 2024 година, но речиси седум месеци по почетокот на мандатот, таа наведена цел останува недостижна.
Мандатот на Трамп почна со двомесечно примирје, кое заврши кога израелските сили убија речиси 400 Палестинци во нападите на 18 март.
Во последните недели фотографиите од гладни Палестинци во Газа, вклучувајќи и деца, го шокираа светот и предизвикаа критики кон Израел за влошување на веќе ужасните услови во кои живеат цивилите.
Меѓународната осуда следува и по најновиот напад врз болницата „Насер“ во јужниот дел на Појасот Газа во понеделникот, во кој израелските сили убија најмалку 20 лица, вклучувајќи пет новинари, медицински персонал и тешко болни пациенти.
„Нивото на насилство врз Палестинците е неверојатно, а она што се случи во болницата беше масакр во живо“, изјави Франческа Албанезе, специјална известувачка на ОН за палестинските територии, по нападот врз болницата.