Џејми Варди сè уште е достапен на трансфер пазарот и ја чека најдобрата понуда како слободен агент, а после неколку дена преговори со Селтик за премин во Шкотска, сега се отвора уште една врата за славниот англиски голгетер.
Легендата на Лестер стави крај на етапата со „лисиците“ после 13 години минати на „Кинг Пауер“, па во ситуација кога се чинеше дека ќе остане на Островот, сега му се отвора и варијанта која изгледа доста возбудлива и предизвикувачка.
Како што јавуваат италијанските медиуми, Варди на маса има понуда да остане дел од топ 5 лигите во Европа, откако во изминатите неколку часа бил исконтактиран од Кремонезе.
Повратникот во елитното друштво во Италија режираше најголема сензација во воведното коло и го шокираше Милан на „Сан Сиро“ (1:2), па клубот очигледно сака да добие уште поголемо внимание со ангажман на еден од најомилените фудбалери во пошироката европска јавност.
Варди има 38 години и силно посакува да се натпреварува на највисоко ниво, па во наредните неколку дена ќе дознаеме дали ќе се одлучи за Кремонезе, или сепак ќе ја прифати понудата на Селтик.