Кристијан Киву имаше перфектно деби во Серија А како тренер на Интер, бидејќи неговиот тим испорача „петарда“ во мрежата на Торино и победи со убедливи 5:0 на затворањето на првото коло во италијанската елита.
Вицешампионот доби низа тешки удари изминатите месеци и остана без четири трофеи за кои беше во игра, па токму поради тоа, новиот тренер на Интер издвои еден елемент како многу важен за идеалниот старт на новата кампања.
– Работевме многу напорно и изданието на играчите е одговор за тоа што сме го сработиле во овој краток период. Играчите се обидуваат да го остават минатото зад себе и покажаа голема зрелост со изданието.
– Од првиот ден кога се собравме за пресезоната, играчите ги наведнаа главите и почнаа напорно да работат. Поради таквиот пристап, сега ги гледаме во одлична форма и тоа не смее да се потцени со оглед на краткото време кое го имавме за подготовки.
– Не станува збор само за добра физичка форма, многу важен елемент е менталитетот. Менталитетот ви дава нешто плус на теренот и ние посебно работевме на тој елемент ова лето. Враќањето на „Сан Сиро“ како тренер на Интер беше посебно, испишав убава историја како играч во Интер, но минатото останува зад нас. Сега сум концентриран само на тоа што го носи иднината, – вели Киву.