Десетици илјади демонстранти се собраа во Тел Авив за да побараат крај на војната во Газа и итно ослободување на заложниците. Ова е еден од најголемите протести во Израел откако започна конфликтот во октомври 2023 година, а следува по генерален штрајк со цел да се изврши притисок врз владата да ги запре воените дејствија, објавува „Гардијан“.
Собирот во неделата навечер беше кулминација на денот на национални протести. Огромни толпи се собраа на плоштадот во Тел Авив, епицентарот на протестното движење, скандирајќи: „Испратете ги сите дома! Запрете ја војната!“
Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица, кој ги организираше протестите, процени дека само во Тел Авив се собрале околу 500.000 луѓе, иако полицијата не ја потврди таа бројка.
„Бараме сеопфатен и остварлив договор и крај на војната“, рече Еинав Зангаукер, мајка на заложникот Матан и водечка фигура во протестното движење. „Бараме она што е наше право – нашите деца. Израелската влада ја претвори праведната војна во бесмислена војна“.
Тензиите дополнително се засилија со видео пораката од Матан Зангаукер, објавена од националните медиуми во неделата. На снимката, направена од Хамас и пронајдена од израелската војска, видливо слабиот и гладен заложник разговара со своето семејство. „Ова е веројатно последниот момент што го имаме за да ги спасиме заложниците“, изјави за АФП демонстрантот Офир Пенсо (50).
Протестите се одржуваат повеќе од една недела откако израелскиот кабинет за безбедност ги одобри плановите за заземање на градот Газа, 22 месеци по почетокот на војната што предизвика сериозна хуманитарна криза на палестинските територии. Организаторите изјавија дека демонстрантите ќе ја „затворат земјата“ за да обезбедат враќање на заложниците и крај на војната. Низ целиот Израел, демонстрантите блокираа патишта, палеа гуми и се судрија со полицијата, која соопшти дека се уапсени повеќе од 30 лица.