Голем скандал го потресе англискиот спорт – директорката на женскиот рагби клуб Салфорд Ред Девилс, Клер Бредбери, поднесе оставка откако сопствениците на клубот ѝ сугерирале да „спие со функционер на лигата“ за да се „изгладат“ финансиските проблеми поради насобраните долгови.
Бредбери јавно ги обелодени скандалозните пораки што ги добила од своите поранешни соработници. Салфорд Ред Девилс го води конзорциум предводен од бизнисменот Дарио Берто, кој го презеде клубот пред почетокот на сезоната.
Таа пристигнала во Салфорд од рагби клубот Сејл Шаркс во октомври минатата година, а во исклучително отворена објава на „LinkedIn“ остро ги критикувала сопствениците на клубот, изнесувајќи обвинувања за мизогин коментар.
„Она што за мене беше работа од соништата, за која вложив огромен труд и на која бев исклучително горда, се претвори во нешто што повеќе не можам да го работам", напиша Бредбери, нагласувајќи дека јулската плата ѝ останала неисплатена.
„Во последните неколку месеци, условите под кои моите колеги и јас моравме да работиме, придонесоа да не можам да ги исполнувам обврските ниту за себе, ниту за клубот. Сакам да споделам нешто лично, како жена на висока позиција – мизогиниот, непристоен коментар од сопствениците, кои сугерираа да спијам со некој од "RFL" за да ги ’изгладиме работите‘, е неприфатлив.“
„Во тој момент молчев бидејќи сакав клубот да успее. Разочарана сум што тогаш не реагирав, но сега го кажувам јавно, бидејќи ова мора да се слушне – за интегритетот и напредокот на рагби лигата и сите жени кои работат во спортот.“
Портпаролот на "RFL" изјави дека „навредливи и неприфатливи се било какви коментари или сугестии од овој тип“.
Ред Девилс моментално се на последно место во Суперлигата, со само две победи во 21 натпревар, а минатата недела беа поразени од Хал со убедливи 80:6. Градоначалникот на Голем Манчестер, Енди Бернам, изјави дека „многу внимателно ја следи ситуацијата“.
„Прашањето е: што може да се направи за работите да се сменат? Конзорциумот дојде со ветување дека ќе ги отплати долговите и значително ќе инвестира. Очигледно, тоа не се случи", додаде тој.
Извршниот директор на "RFL", Тони Сатон, минатата недела изјави дека финансиските проблеми на Салфорд се „штетни и исцрпувачки за спортот“, но дека „единствената алтернатива“ на одобрувањето на преземањето на клубот во почетокот на годината била „многу веројатна и моментална пропаст на клубот“.
Во понеделникот, Салфорд објави соопштение во кое тврди дека клубот „нема да се изгаси“, пренесе „Daily Mail“.