ДПИ со контроли за попустите на училишниот прибор, казните за непочитување се од 800 до 10.000 евра

Макфакс

15/08/2025

14:06

107

Големина на фонт

а а а

Тимовите на Државниот пазарен инспекторат од денес на терен ги контролираат правните субјекти дали се придржуваат до одредбите на владината одлука со која ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10% во трговија на големо и 15% во трговија на мало, а која ќе важи од денес до 15 септември.

„Согласно одредбите на Одлуката, правните субјекти се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 01.06.2025 година, цена која се зема како базична и на која се утврдува намалувањето. Потоа, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис ,,Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%.“, соопшти инспекторатот.

Тимовите на Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе ги контролираат правните субјекти на целата територија на државата и ќе постапуваат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, каде казните се движат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината на субјектот, а за целосно не почитување на одлуката предвидена е мерка – привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена.

ДПИ апелкира до трговците да се придржуваат до одредбите на владината Одлука.