Патописецот и јутјубер Роберт Дачешин, познат по споделување на импресивни доживувања од своите патувања, неодамна на својот канал објави видео во кое раскажа за едно незаборавно искуство – престој на пуст филипински остров.
Иако досега посетил повеќе од 110 земји, престојот на овој остров бил целосно непланиран и, како што самиот вели, едно од најпосебните искуства во неговиот живот.
Островот, сместен далеку од цивилизацијата и технологијата, бил целосно празен, а поради несреќни околности Роберт останал таму сам три дена, без никакви други гости. Следната група туристи требало да пристигне дури по шест дена, што му овозможило целосна приватност.
„Како би било да поминете еден ден на остров сосема сам, километри далеку од цивилизацијата, без луѓе, интернет или технологија? Иако не го планирав ова, по некој чуден тек на настаните, останав тука три дена сам. Следните гости пристигнуваат дури за шест дена", сподели Роберт со своите следбеници.
Рај на плажа
Особено го воодушевил фактот што целата плажа била само негова, што го доживеал како вистинско парче рај. Островот бил преполн со кокоси, а Роберт уживал во приватна песочна плажа, без да мора да го дели просторот со никого.
„За мене тоа беше вистинската дефиниција на рај: кокоси насекаде, мали колибички, а најдобриот дел – приватна плажа, само за мене. Морето е неверојатно, совршено за капење, а целиот остров е како џунгла", вели тој, фалејќи ја природната убавина и тишината на островот. По капењето, уживал во освежителен туш во средината на шумата, каде што водата била ладна, но токму толку колку што треба за да ја освежи жештината.
Рефлексија за модерниот живот
Овој престој не бил само можност за одмор и уживање во природата. Размислувајќи за своето искуство, Роберт се осврнал на сè поголемото отуѓување на луѓето од природниот свет кое го носи модерниот живот.
„Размислував кои пријатели би ги поканил со мене ако останев заробен на островот, и сфатив дека многумина од нас сме прилично неспособни, јас прв. Сите станавме дигитално заробени, а од вистинските вештини што ги имале нашите предци – сме далеку. Сфаќаш колку модерниот живот ни ја одзел способноста за преживување во природа", заклучува тој.
За него, овие три дена на островот биле многу повеќе од обичен одмор – биле потсетник на едноставноста на животот и важноста од враќање кон природата. Иако има посетено многу прекрасни дестинации како Сејшелите и Мексико, овој остров за него останал едно од најпосебните места на светот.