Албанија ја разгледува идејата за министерства управувани од вештачка интелигенција (ВИ).
Премиерот Еди Рама ја спомена ВИ како алатка за искоренување на корупцијата и зголемување на транспарентноста, велејќи дека технологијата наскоро би можела да стане најефикасниот член на албанската влада.
„Еден ден можеби ќе имаме министерство кое е целосно управувано од ВИ“, рече Рама на прес-конференција додека зборуваше за дигитализацијата. „На тој начин, нема да има непотизам или конфликт на интереси“, додаде тој.
Локалните програмери би можеле дури и да работат на развој на модел на ВИ кој би се „избрал“ за министер, што би можело да доведе до тоа земјата „да биде првата што ќе има цела влада со министри добиени со вештачка интелигенција и премиер“, додаде Рама.
Иако формалните чекори сè уште не се преземени и местото на Рама не е официјално загрозено, премиерот вели дека идејата треба сериозно да се разгледа.
Поранешниот политичар на владејачката партија и писател Бен Буши, кој има голем интерес за ВИ, верува дека нема причина за страв од технологијата и дека државите управувани од ВИ се реална можност што би можела целосно да ја промени нашата претстава за демократија.
„Зошто мора да избираме помеѓу две или повеќе човечки опции, ако услугата на државата може да ја обезбеди вештачката интелигенција?“, праша Буши. „Општеството подобро ќе биде водено од вештачката интелигенција отколку од нас, бидејќи таа не прави грешки, не бара плата, не може да се корумпира и не престанува да работи“, додаде тој.
Албанија долго време се бори со корупција во сите сегменти на општеството, а политиката не е исклучок. Владејачката партија имаше многу функционери обвинети и осудени за корупција. Лидерот на опозицијата Сали Бериша моментално е на судење поради корупција, додека поранешниот премиер и претседател Илир Мета е во затвор.
Вештачката интелигенција е алатка, а не чудо, смета Јорида Табаку, пратеничка од опозициската Демократска партија. Како што рече во вистинските раце ВИ може да го трансформира управувањето, но во погрешни раце станува „дигитална маска за истиот стар хаос“.
Иако ги поддржува дигиталните иновации и вештачката интелигенција, Табаку истакна дека целиот систем на управување мора да се ресетира пред да се воведе вештачката интелигенција.
Вештачката интелигенција веќе се користи во администрацијата за управување со сложеното прашање на јавни набавки – област што ЕУ бара од владата да ја регулира – како и за анализа на даночните и царинските трансакции во реално време заради откривање на неправилности.
Територијата на земјата се следи и со помош на паметни дронови и сателитски системи кои користат вештачка интелигенција за проверка на нелегални градби, злоупотреба на јавни плажи и откривање на плантажи со канабис во руралните средини.
Исто така, постојат планови за користење на вештачка интелигенција за борба против сообраќајните прекршоци преку технологија за препознавање лица, која на мобилниот уред на возачот би му испратила дигитално предупредување да забави, проследено со податоци за казни преку СМС или е-пошта. Албанија во моментов има една од највисоките стапки на смртност во сообраќајни несреќи во Европа, главно поради пребрзо возење.
Исто така, постојат амбиции за примена на вештачката интелигенција во здравството, образованието и дигиталната идентификација на граѓаните.
Меѓутоа, Табаку предупредува дека е потребна јавна дискусија и јасност околу начинот на примена на технологијата, нејзината цена и најважно, кој ги програмира алгоритмите.
„Ако истите луѓе кои профитирале од корумпирани тендери ги програмираат алгоритмите, тогаш не одиме во иднината – туку го вградуваме минатото“, рече таа.
„Не можете да поправите наместен систем со тоа што ќе го преместите во облак (cloud)“, додаде Табаку. „Во земја каде што 80% од буџетот оди преку јавни договори – а една третина се доделува без вистинска конкуренција – вештачката интелигенција нема да ја исчисти корупцијата, туку само ќе ја скрие подобро“, заклучи политичарката.